Шакира неодамна со своите деца се пресели во Мајами, Флорида, САД, по разделбата со шпанскиот фудбалер Жерард Пике. Сега таа на својот интернет-простор им испрати порака на папараците.
„Во овој миг на промени во мојот живот како јавна личност, разбирливо е дека постои постојана медиумска љубопитност за мене и моето семејство. Сепак, моите деца Милан и Саша преживеаја тешка година, трпејќи постојана опсада и немилосрдно прогонство од страна на папараците и разни медиуми во Барселона“, пишува латино-ѕвездата.
Тие претходно живееја во Барселона, Шпанија.
„Сега кога (децата) почнуваат нова фаза во нивните животи, ги замолувам медиумите, во име на моите деца – да го почитуваат нивното право на приватност. Ве молам да не ги следите до влезот или излезот од училиштето, да не ги чекате на вратата од нашата куќа и да не ги следите до нивните воннаставни и рекреативни активности за да ги добиете најдобрите можни слики и видеа, како што тоа се случуваше секој ден во Барселона“, повика пејачката.
Таа верува оти новинарите и фотографите ќе бидат доволно чувствителни кон двете деца на возраст од осум и 10 години.
„Оваа молба ја упатувам не како уметница, туку како мајка која сака да си ги заштити и да се погрижи за психичката и емоционалната благосостојба на своите деца“, заклучи Шакира.
Таа истакнува дека на своите деца сака само да им пружи среќен, здрав и безгрижен живот, каков што секој родител би посакал за своето дете.