Холивудскиот актер Арнолд Шварценегер се изјасни против, како што рече, варварскиот и неиспровоциран напад на Хамас врз Израел и се сретна со преживеаните и нивните семејства.
Поранешниот гувернер на Калифорнија го осуди масакрот на невини цивили на 7 октомври, велејќи дека не личи на ништо што тој некогаш го видел и понудил поддршка за Израел, објави ТМZ.
Шварценегер се сретна со членовите на семејствата на израелските заложници кои сè уште ги држат Хамас во Газа и им подари статуи од бронзени орли. По средбата Шварценегер изјави дека сака да шири мир бидејќи тој е помоќен од омразата и гневот.
Eла Шани (14) е меѓу преживеаните кои отпатувале од Израел до Санта Моника за да се сретнат со Арнолд Шварценегер.
Таа раскажа како нејзиниот татко бил убиен од членовите на Хамас во Кибуц Бера на 7 октомври и како бил киднапиран нејзиниот 16-годишен братучед Амит Шани. Средбата ја организираше Музејот на толеранција во Ерусалим, со кој Арнолд Шварценегер е партнер со години.