„Македонија има Стратегија за паметна специјализација која ги дефинира областите каде што има потенцијал за развој. Најважниот ресурс за постигнување на дефинираните цели е човечкиот капитал и токму во оваа насока го обликуваме образованието, за да создадеме рамка што е неопходна во приоритетните области на економијата.“ Ова денес го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Светскиот образовен форум што се одржува во Лондон, каде што учествува на панел-дискусија за влијанието на стручното образование врз економскиот раст.
„Стратегијата за паметна специјализација нè води кон дигитална и зелена транзиција во областите на земјоделство со повисока додадена вредност и паметна храна, информациски и комуникациски технологии, електромеханичка индустрија и одржливи материјали и паметни згради. Во овие области е потребен стручен кадар и поради оваа причина сме фокусирани на унапредување и промоција на средното и високото стручно образование“, рече Јаневска.
Министерот информираше дека средното стручно образование во Македонија е целосно модернизирано, се имплементираат модуларни наставни програми, има добро обучени наставници, а компаниите исто така учествуваат во образованието на учениците.
„Во 2017 година го воведовме концептот на дуално образование, или учење преку работа, и тој постојано се шири. Компаниите се вклучени во развивање на практични вештини кај младите луѓе, а денес 70% од вкупниот број средношколци учат во средните стручни училишта во Македонија“, нагласи Јаневска, нагласувајќи дека во високото образование фокусот е ставен и на техничките науки, но дека има простор за продлабочување на соработката меѓу универзитетите и бизнис секторот.
Јаневска е првата министерка за образование која се обратила на Светскиот образовен форум во Лондон, кој е најголемиот глобален собир на министри за образование и вештини и има традиција од повеќе од 20 години. Панелисти, покрај министерот, беа и министерката за образование, наука и истражување на Маврициус, Сукон Кавирај Шарма, и директорот на ОЕЦД за образование и вештини, Андреас Шлихер.