Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат за 1,5 денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,93 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 84 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 86, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 75,5 денари за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемува за еден денар за литар и ќе чини 74,5 денари.
Со одлуката на РКЕ за 1,249 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 48,17 денари.
Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар во изминатите седум дена и тоа во просек за 2,711 отсто кај бензинот и за 1,997 отсто кај дизелот, како и за 0,496 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.