Кремљ во четвртокот соопшти дека специјалната воената операција против Украина ќе трае онолку колку што е потребно, во зависност од нејзините „резултати“ и нејзиното „оправдување“, и соопшти дека Русите го поддржуваат нападот.
Русија започна инвазија на Украина од копно, воздух и море, што е најголемиот напад на друга земја во Европа од Втората светска војна и потврда на предвивувањата за најголемите стравови на Западот.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков изјави за новинарите дека Москва сака да и наметне „неутрален статус“ на Украина, да ја демилитаризира и да ги отстрани „нацистите“ од земјата.
„Времетраењето на операцијата ќе биде одредено според нејзините резултати и нејзината оправданост. За тоа ќе одлучи врховниот командант на вооружените сили, Владимир Путин“, посочи потпаролот Песков.
Тој тврди дека Москва нема намера да ја „окупира Украина“ и дека иднината за оваа држава е „прашање на избор на украинскиот народ“.
„Теоретски, Украина треба да се ослободи и исчисти од нацистите“, изјави портпаролот на Кремљ.
Москва ги обвинува прозападните власти во Киев дека со помош на воени групи блиски до крајната десница организирале „геноцид“ врз жителите кои зборуваат руски на исток.
Сепак, портпаролот на Кремљ не одговори на прашањето дали Москва го смета украинскиот претседател Володимир Зеленски за „нацист“.
Според него, одлуката за напад на Украина „била диктирана од грижата за иднината на Русија, која со недели барала од Западот да вети дека Киев никогаш нема да влезе во НАТО“.
Тој ја спомена „неутрализацијата на воениот потенцијал на Украина“, која „неодамна беше силно зајакната, дури и благодарение на акциите на странските земји“.
Песков исто така изјави дека „Москва е подготвена да разговара со украинските лидери за овие барања, доколку тие се „подготвени за дијалог“.
Тој додаде дека Кремљ „предвидувал“ дека рускиот пазар „емотивно ќе реагира“ на офанзивата против Украина.
„Направивме се што можеме за да го направиме овој емотивен период што е можно пократок“, потенцираше тој, додека рубљата е во слободен пад на Московската берза.
Тој исто така кажа дека „земја како Русија“ не може да биде изолирана на меѓународната сцена, и покрај заканите од Западот.
„Се разбира, можеме да имаме проблеми со голем број земји. Но, претходно ги имавме со тие земји“, додаде тој.