– Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ од вториот Економски форум во Скопје упати охрабрување до Косово и Србија за изнаоѓање на конечно решение, со оценка дека тоа ќе биде силен поттик и за целиот регион.
-Црна Гора е најмалата земја во регионот и кога сте најмали имате интерес да одржувате добри добрососедски односи, да промовирате толеранција, мир и да придонесте за изнаоѓање решение за отворените прашања во регионот. Во овој контекст сакам да ги охрабрам двете страни – премиерот на Косово и претседателот на Србија да изнајдат заедничко решение за односите меѓу Србија и Косово бидејќи ако го најдеме тоа решение ќе дадеме силен поттик за целиот регион, не само за овие две земји. Ние ја поддржуваме намерата на меѓународната заедница конечно да се постигне договор и да се потпише. Секако не сме ние што треба да кажеме кој што треба да направи, тоа е одговорност на двете влади, но дефинитивно ЦГ сака да испрати порака од овде, од Скопје дека ги поттикнуваме двете страни и меѓунардоната заедница конечно да се постигне заеднички договор и да се релаксираат односите во регионот, рече Абазовиќ.
Според него, во контекст на регионалната соработка на Западен Балкан секогаш постојат и имаме различни видови недоразбирања, но пред се, меѓу политичарите, кои премногу зборуваат за минатото.
-Она што можеме да го смениме е иднината, не може да го смениме минатото. Ако го префрлиме фокусот од минатото и почнеме да зборуваме за иднината мислам дека регионот ќе има многу добри можности да биде успешен и сите земји од Западен Балкан ќе можат да бидат поделотворни во пороцесот на евроинтеграциите, вели Абазовиќ.
За тоа како може да се помогне за односите во регионот, Абазовиќ смета дека се потребни повеќе договори како тие постигнати во Берлин, во ноември, лани во рамки на Берлинскиот Процес. Подгорица дава и поддршка и на иницијативата за Отворен Балкан, бидејќи идејата е вели да се има поголема соработка, а со поголема и пред се искрена соработка, ќе нема проблеми.
-Јас лично исто така сум поддржувач на различни иницијативи како и на Отворен Балкан, бидејќи кога фокусот е на економскиот напредок тоа треба да се прифаќа во регионот. Она што ни треба за помирување е поголема мобилност на луѓето, лесен пристап до луѓето, Не зборувам за промена на границите туку границите да станат пофлекисибилни како во ЕУ. Луѓето не треба да чекаат по границите. Сега имаме договор да преминуваме граница со лична карта. Следниот чекар е да преминуваме граница без лична карта. Ако сакаме да се видиме во европското семејство треба да имаме европско однесување, а тие имаат слободен пазар за трговија. Затоа Владата на Црна Гора го поддржува, вели црногорскиот премиер.
Смета и дека Отворен Балкан „го разбуди“ Берлинскиот процес и претствува позитивна конкуренција.
-Двете иницијативи ги сметам за крајно слични, речиси идентични. Ако имате монопол само на еден хотел во ред е, но е многу подобро ако имате добра конкуренција, оти таа ве турка да имате поквалитетна понуда, вели Абазовиќ подвлекувајќи ја и предноста на ОБ како на иницијатива која доаѓа од самиот регион и која што не претставува замена за евроинтеграција, туку алатка за побрзо интегрирање.
Тој постети и на важноста од заеднички инфраструктурни проекти за поврзување на регионот, бидејќи вели тоа е иднината. При тоа се осврна и на повеќето договори склучени неодамна на заедничката седница на владите на Црна Гора и на Албанија.
-Ние сме туристичка земја и нашата амбиција е да ги натераме луѓето да доаѓаат во Црна Гора, вели премиерот на Црна Гора Абазовиќ.