Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ изјави дека Турција почна да игра ефикасна улога на Балканот колку и Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) и дека успешните односи на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со регионалните лидери ја направија Турција клучна земја на Западен Балкан.
Абазовиќ престојуваше во Истанбул во рамките на Програмата за идни лидери (FLEP) организирана од Младинскиот форум за исламска соработка (ICYF), а во таа пригода за новинската агенција Анадолу (АА) говореше за односите на неговата земја и Турција и за други теми.
Претседателот на црногорската Влада констатира дека е забележан значителен напредок во односите со Турција, но дека тие сѐ уште не се на задоволително ниво.
Абазовиќ истакна дека проектите во областа на економијата и енергетиката се подготвени за реализација меѓу Турција и Црна Гора.
„Сакам да го изразам моето големо задоволство од продолжувањето на соработката со Турција. Подготвени сме да ѝ ги претставиме нашите конкретни проекти на турската Влада колку што е можно поскоро. Мислам дека овие проекти можеме да ги реализираме до крајот на летото. Многу сум уверен дека заедно ќе го постигнеме тоа“, рече Абазовиќ.
Црногорскиот премиер нагласи дека успешните односи на претседателот Реџеп Таип Ердоган со регионалните лидери ја направиле Туркије „клучна земја“ на Западен Балкан.
Тој изјави дека Турција почнала да игра ефикасна улога на Балканот колку и Европската Унија (ЕУ) и САД. „Претседателот Ердоган е некој што може да ги убеди проблематичните страни на Балканот да седнат на маса и да најдат одржливи решенија за проблемите во регионот. Мислам дека посредничката улога на Турција е многу важна во тензиите меѓу Србија и Косово. Се надевам дека претседателот Ердоган ќе се фокусира повеќе на овој и на други проблеми на Балканот. Тоа е исклучително важно за осигурување на мирот и стабилноста во регионот“, потенцира Абазовиќ.
Напоменувајќи дека Турција, како велесила, има пријателски односи со целиот свет, Абазовиќ додаде: „Нема таков пример во светот. Сите чекори што Турција ќе ги преземе во глобалната дипломатија се вредни и за земјите од регионот и за Балканот.“
Црна Гора ќе биде подготвена за ЕУ
На прашањето за процесот на членство на неговата земја во Европската Унија, Абазовиќ се заблагодари и изрази задоволство од поддршката што Црна Гора ја добива од Турција на овој план.
„Црна Гора во 2008 година поднесе барање за членство во Унијата, а две години подоцна доби кандидатски статус. Пристапните преговори започнаа во 2012 година, но преговорите траат веќе 10 години. Мислам дека членството на Црна Гора во процесот на проширување на ЕУ ќе биде одлично бидејќи Црна Гора е земја на која може да ѝ се верува. Немаме проблеми со ниту еден од соседите. Во последниве години започнавме сериозна борба против организираниот криминал. Во исто време нашата борба против корупцијата продолжува. Како и секоја држава, имаме прашања, но во контекст на ЕУ-интеграциите за кратко време ќе ги исполниме нашите обврски и ќе бидеме подготвени за влез во ЕУ“, заклучи премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.
ТРТ БАЛКАН