Австриското Министерство за внатрешни работи соопшти дека за шест месеци ја продолжува контролата долж границата на Австрија со Словенија и Унгарија. Во моментов австриските власти ја контролираат и границата со Чешка и Словачка. На границата со другите соседни земји на Австрија се врши „интензивна контрола во пограничните области“, се вели во соопштението.
„Контролата на границите е важен инструмент на полицијата за доследна борба против илегалната трговија со луѓе и злоупотребата на азил. Меѓутоа, во сегашната ситуација контролата е исто така важна мерка за борба против тероризмот“, изјави министерот за внатрешни работи Герхард Карнер. Сè додека не функционира заштитата на надворешните граници и не функционира шенгенскиот систем, оваа мерка ќе биде неопходна.
Во меѓувреме, Словачка, Чешка, Полска, Италија, Словенија и Германија, исто така, ги продолжија контролите на своите граници. Австрија ја контролира границата со Словенија и Унгарија од 2015 година.