Австриското Министерство за внатрешни работи денеска предупреди на значително зголемување на бројот на крајно десничарски екстремисти во земјата, иако точниот број е тешко да се процени.
Словенечката агенција СТА објави дека двајца мажи биле уапсени во две одделни операции против десничарскиот екстремизам во Австрија. Поради наводна вмешаност во меѓународната супремацистичка група „Feuerkieg Division“ неодамна бил уапсено 20-гоишно момче. Тоа во моментов се уште е во притвор, а истрагата е во тек. Агенцијата додава дека во друга акција уапсен е и 40-годишен маж поради наводна поддршка на нацистичката идеологија.
Австрискиот министер за внатрешни работи, Герхард Карнер, овие акции ги смета за важен успех во борбата против десничарските екстремисти. Министерството предупреди на очигледно поголема зачестеност на овие групи, иако е тешко да се процени точниот број на нови поддржувачи.
Во Австрија најголемиот предизвик на полето на десничарскиот екстремизам е таканаречената Нова десница, особено идентитарното движење и групата ДО5, која ја зајакна својата структура главно на сметка на минатите кризи, вклучително и пандемијата на Ковид-19, војната во Украина и инфлацијата, оценува министерството.
Лидерот на австриското идентитарно движење, Мартин Селнер, неодамна потврди дека присуствувал на состанокот во Потсдам во ноември, на кој учествувале и претставници на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD). На состанокот се разговарало за план за масовна депортација на луѓе од Германија, неодамна откри германскиот непрофитен истражувачки институт Коректив.
По ова шокантно откритие во германските градови редовно се одржуваат протести против десничарските екстремисти, на кои се собираат стотици илјади луѓе.
За во петок е најавен и протест во Виена.