Во училиштето БОРГ во Грац, утрово се случи масовно пукање, при што загинаа најмалку девет лица, додека напаѓачот, кој изврши самоубиство, е десеттата жртва. Во масакрот повредени се најмалку 28 лица, меѓу кои ученици и наставници.
Изминатите години во Европа регистрирани се повеќе напади врз училишта и универзитети, кои не беа терористички напади. Денеска француски средношколец избоде до смрт помошник-наставник пред училиште. Напаѓачот е уапсен.
Во североисточна Словачка, во јануари 2025 година, 18-годишен маж смртно избоде средношколец и наставник.
Кон крајот на минатата година, 19-годишно момче смртно избоде седумгодишен ученик и повреди неколку други во основно училиште во Загреб.
Кон крајот на 2023 година, во студентски напад на Универзитет во Прага загинаа 14 лица, а 25 беа повредени.
Во март истата година, осум ученици и чуварот на основното училиште беа застрелани од 13-годишен ученик во Белград.