Лондонската полиција уапси маж осомничен дека возел автомобил на тротоар во центарот на британската престолнина во раните утрински часови на католички Божик, поради обид за убиство.
Скај њуз јавува дека четири лица се пренесени во болница по инцидентот во авенијата Шафтсбери, а една од жртвите е во животна опасност.
Се наведува дека полицијата била повикана 45 минути по полноќ поради судир и автомобил кој возел на погрешна страна од патот.
Во полициското соопштение се наведува дека инцидентот е изолиран случај и нема врска со тероризам.
Полициски кордон беше поставен пред театарот „Сондхајм“ на таа авенија, која е во срцето на лондонскиот Вест Енд.
Британската телевизија јавува дека на тротоарот се гледа крв, нечија јакна, пар чевли и капа.
Лондонската полиција верува дека осомничениот бил „вмешан во расправија во ноќен клуб пред да влезе во автомобил и да го направи хаосот“.