Агелер: Правниот тим на Амбасадата ги испитува измените на Кривичниот законик

Правниот тим на американската амбасада ги разгледува измените на Кривичниот законик, јас лично не сум ги видел, така што не можам да ги коментирам, но како што соопштија од Стејт департментот, неопходно е да се следат процедурите во системот законски во земјава, изјави денеска американската амбасадорка, Ангела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање да коментира за брзото одобрување на измените на Кривичниот законик.

„На ова одговоривме во петокот, правниот тим на американската амбасада ги разгледува, јас лично не сум ги видел, така што не можам да ги коментирам и како што кажавме во соопштението на Стејт департментот, потребно е да се следи процедурите во системот на државата“, рече амбасадорот денеска на почетокот на работата на изградбата на Коридорот 8.

Прес-службата на Стејт департментот претходно изјави за Гласот на Америка на македонски дека корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија, на прашањето дали новите измени во Кривичниот законик, кои ги намалуваат казните за злосторничко присвојување и злосторничко здружување ќе ги комплицираат напорите на САД да помогнат во борбата против корупцијата во земјата.

„Ја охрабруваме Северна Македонија да ги исполни своите ветувања за борба против корупцијата. Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни резултати против корупцијата преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за членство во ЕУ и градење на довербата на граѓаните во владата, наведува Стејт департментот.

Собранието со европско знаменце и по брза постапка минатата недела ги донесе измените на Кривичниот законик со кои се предвидуваат помали казни за лицата и функционерите кои ќе ја злоупотребат положбата, додека претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот за објавување на Законот за Измени и дополнувања на Кривичниот законик.