Агелер: Се размислува за внесување на нови имиња во „црната листа“

Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Ангела Агелер, денеска објави дека американската „црна листа“ на македонски граѓани е многу динамична и дека постојано се разговара и разгледува нови имиња. Сепак, таа рече дека нема краен рок до кога ќе бидат објавени.

„Тоа е одлука на Вашингтон, но можам да ве уверам дека додека зборуваме овде, се разгледуваат одреден број имиња. Секогаш работиме на нови имиња и ќе ги откриете со време“, изјави денеска Агелер во рамките на Конференцијата за борба против корупцијата во Западен Балкан.

Досега на оваа листа се најдоа многу имиња на политичари и бизнисмени од земјава и нивните семејства. Стејт департментот во март годинава на црна листа ги стави градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски и поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, како и нивните семејства, на кои им е забранет влез во САД.

Минатата година на црната листа беа ставени градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, Кочо Анѓушев, Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков и Никола Груевски.