Адвокатот Коен призна дека на порно актерката Сторми Даниелс и исплатил 130.000 долари за да молчи за средбата со Трамп

Поранешниот адвокат на Доналд Трамп, Мајкл Коен изјави денеска дека и платил 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс за време на претседателските избори во 2016 година по налог на поранешниот претседател во замена за нејзино молчење за наводната емотивна средба со Трамп.

Тој го изјави ова во понеделникот за време на сведочењето против Трамп, како дел од судењето на републиканскиот кандидат за фалсификување деловни книги за да се прикрие исплатата на Даниелс.

Коен тврдеше дека откако постигнал спогодба од 130.000 долари со адвокатскиот тим на Сторми Даниелс, тој се обидел да го одолговлекува процесот до крајот на 2016 година, што ја натерало порно актерката накратко да се повлече од преговорите.

Поранешниот адвокат на Доналд Трамп сведочеше дека имал договор со Дејвид Пекер, издавачот на таблоидот Нешнал инквајер, да ја поддржи претседателската кандидатура на Трамп и да ги потисне сите негативни приказни.

Како што наведува Си-Ен-Ен, се очекува адвокатот на Трамп, Тод Бланш, денеска да се обиде да го уништи кредибилитетот на Коен кај поротата, прикажувајќи го како осуден лажен сведок кој постојано ја менувал својата приказна.

Трамп е обвинет за фалсификување деловни досиеја за да скрие дека на Сторми Даниелс и платил 130.000 долари за време на претседателските избори во 2016 година во замена за нејзино молчење за нивната наводна емотивна средба. Поранешниот претседател ги негира обвинувањата.