Адвокатот Горан Бошевски, бранител на обвинетиот Велибор Манев, во својот завршен збор за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во однос на кривичното дело убиство, а осудителна за делото грабнување. Според адвокатот, не постоел договор за убиства и оттаму нема умисла за извршување таков вид кривични дела.
Нема претходен договор со другите обвинети за извршување кривично дело убиство, нема умисла за извршување таков вид кривични дела, а инкриминираните дејствија кои ги презел при кривичните дела грабнување немаат елементи да претставуваат особен придонес кон извршувањето на кривичните дела убиство. Во неговите дејствија нема елементи од законското битие за кривичното дело убиство и нема каузалитет помеѓу преземените дејствија, поради што по однос на овие кривични дела предлагам судот да донесе ослободителна пресуда, нагласи тој.
Во однос на правната квалификација, адвокатот истакна дека за да се утврди соизвршителство треба, како што рече, да постои договор со другите лица за извршување на делото. Тој потенцираше дека, во случај на договор, сите одговараат за истите дела, но ако тој изостанува, секој треба да одговара за своите постапки.