Адеми: Целта на Мицкоски е ДУИ да исчезне од политичката сцена

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, на прес-конференција изјави дека Христијан Мицкоски јавно изјавил дека неговата цел е ДУИ да исчезне од политичката сцена. Адеми нагласи дека „Мицкоски ја потврди вистината за она што ДУИ го кажуваше со месеци, Мицкоски сака да биде оној што одлучува за Албанците и во име на Албанците“.

„Оваа опасна идеолошка платформа, за која постојано предупредувавме, сега излезе на виделина. Идејата на Мицкоски, алатка на озлогласениот проект на „српскиот свет“, е да се спречи обединувањето и силната застапеност на Албанците. Само на овој начин тој и неговите покровители од север ќе можат да продолжат да го понижуваат албанскиот народ, држејќи на власт покорни и слаби албански политичари, како оние од ВЛЕН, кои молчат само за да ги зачуваат своите места. Мицкоски не се стреми да победи на избори, туку да избрише цела политичка идеја за еднаквост, да елиминира цел народ од јавниот и политичкиот живот на Македонија.“

„Кога Мицкоски вели „ДУИ треба да исчезне“, тој вели дека Албанците немаат право сами да одлучуваат кој ги претставува. Тој тврди дека дошло време некој друг – токму тој – да утврди кој Албанец е прифатлив, кој може да седне на маса, а кој не. Ова е обид за политичко чистење што ќе се врати како бумеранг.“

„Мицкоски треба да знае дека Албанците сами одлучуваат за своите претставници. А со овие изјави само ја отвори вратата кон пеколот што го чека на 19 октомври. На 19 октомври, неговите марионети од ВЛЕН ќе претрпат срамен пораз. На 19 октомври, Мицкоски ќе ја почувствува моќта и решителноста на Албанците кои не прифаќаат наметнати решенија. Заев ја направи оваа грешка еднаш, Мицкоски ја повторува истата грешка“, рече Адеми.

Тој ја обвини и коалицијата ВАЛЕН, која е дел од владата, дека е алатка на Мицкоски.

„Најтрагично е што ВЛЕН е негова алатка. ВЛЕН е неговиот проект за контролирана албанска политичка сцена. ВЛЕН е неговиот тројански коњ во Чаир, во Тетово, во Струга. Граѓаните го гледаат ова, го чувствуваат и го знаат. Затоа, овие избори не се само за општините. Овие избори се за иднината. Да одлучиме дали ќе имаме достоинствена и моќна албанска политичка репрезентација или ќе дозволиме други да ни го диктираат политичкиот живот“, рече Адеми.