Администрацијата на Трамп сака да затвори речиси 30 амбасади и конзулати на САД

 – Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува план за затворање на речиси 30 амбасади и конзулати низ светот, во рамки на напорите за намалување на дипломатското присуство на САД во странство, јавува „Си-ен-ен“, повикувајќи се на внатрешен документ од Стејт департментот.

Документот, кој ги содржи препораките од потсекретарот за менаџмент, предвидува затворање на 10 амбасади и 17 конзулати, од кои најголемиот дел се наоѓаат во Европа и Африка.

Меѓу дипломатските мисии за кои се предлага затворање се амбасадите во Малта, Луксембург, Лесото, Република Конго, Централноафриканската Република и Јужен Судан, како и конзулатите во Франција, Германија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Јужна Африка и Јужна Кореја.

Сѐ уште не е јасно дали државниот секретар Марко Рубио го одобрил овој предлог. Според наводите, затворањето на дипломатските претставништва би било надоместено со префрлање на нивните обврски на соседни амбасади.

Во документот исто така се препорачува и намалување на американското дипломатско присуство во Ирак и Сомалија, како и „приспособување на големината“ на други мисии. Една од сугестиите е создавање на таканаречени „FLEX-стил мисии“ со ограничен број персонал и одговорности, како и централизирање на конзуларната поддршка во поголеми амбасади во земји како Јапонија и Канада.

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, одби да ја потврди автентичноста на документот или да сподели конкретни детали за потенцијалните затворања.

„Ви препорачувам да се обратите до Белата куќа и претседателот на САД, кои сѐ уште работат на својот буџетски план“, изјави Брус на прес-конференција.

Таа додаде дека „често пати бројките што ги гледаме во медиумите се рани или неточни, врз основа на протечени документи од непознати извори“.