Меѓународниот аеродром Скопје минатата година забележал близу 2,9 милиони патници, што го прави петти најпрометен во регионот. Скопскиот аеродром заедно со Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со кои управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, бележат 33 проценти пораст во патничкиот сообраќај во 2023 година, споредено со 2022 година, пишува ТРТ Балкан.
Од ТАВ Аеродроми соопштија дека Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, ја завршиле 2023 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај, со што достигнале приближно 3,15 милиони патници или вкупно 3 149 274 патници и биле опслужени 23.949 летови.
Најфреквентни дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје биле двата аеродроми во Истанбул со пазарен удел од 10,9 проценти.
Топ пет земји со директни летови за 2023 година биле Германија (28,3 проценти пазарен удел), Туркије (16,1 проценти), Швајцарија (13,4 проценти), Шведска (6,5 проценти) и Италија (6,4 проценти).
Од аеродромите во земјите од поранешна Југославија, најмногу патници во 2023 година имал белградскиот 7,95 милиони, втор е Загреб со 3,72, на трето место е аеродромот во Приштина со 3,42 милиони, а четврти е Сплит со 3,59 милиони патници, објави специјализираниот сајт за авијација „Exyuaviation“.
Низ комерцијалните аеродроми во земјите од регионот минатата година поминале повеќе од 35,5 милиони патници, што е за пет милиони повеќе отколку во 2022.
Повеќе од половина од аеродромите лани забалежале најпрометна година досега, а дел сè уште се под нивото на превезени патници во однос на периодот пред ковид пандемијата.
Во 2023 година, Скопје првпат го престигна традиционално попрометниот Дубровник, додека Подгорица го надмина Сараево, а Љубљана Задар.
Во однос на пред-ковид периодот (2019 година), белградскиот аеродром бележи 1,8 милиони повеќе патници, приштинскиот еден милион, а скопскиот дополнителни 400 илјади патници.