Турција внимателно ја следи ситуацијата по соборувањето на американскиот воен дрон кој вчера е срушен во меѓународниот воздушен простор над Црното море, изјави денес министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, пренесе ТРТ Балкан.
„Како што знаете, тој инцидент се случи вчера. Внимателно го следиме настанот. Имаме разни контакти“, рече Акар во изјава за медиумите во Анкара.
Тој изјави дека ден откако Пентагон објави дека руски борбен авион СУ-27 удри во дронот „Reaper“, рушејќи го американското летало.
Турција се залага за „разбирливо решение“ кога е во прашање инцидентот, додаде Акар.
Русија вчера демантираше дека нејзините борбени авиони имале контакт со американски воен дрон кој е срушен во меѓународниот воздушен простор над Црното море.
„Наутро на 14 март, надзорот на воздушниот простор на руските Воздушно-космички сили забележа лет на американското беспилотно летало MQ-9 кон државата граница на Руската Федерација“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека борбените авиони на руското воено воздухопловство полетаа за да го идентификуваат дронот кој потоа, како што се наведува, изведе неконтролиран лет, ја загуби висината и се сруши во вода по неколку остри маневри.