Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди дека не треба да очекуваме брз крај на војната во Украина.
„Повеќето војни траат подолго од очекуваното кога почнаа“, изјавил Јенс Столтенберг во интервјуто објавено денес за германската медиумска групација Funke.
Како што вели тој во интервјуто, светот мора да се подготви за долга војна во Украина.
„Сите сакаме брз мир. Но, во исто време мораме да признаеме: ако претседателот Володимир Зеленски и Украинците престанат да се борат, нивната земја повеќе нема да постои. Ако претседателот Владимир Путин и Русија го положат оружјето, ќе имаме мир“, изјавил генералниот секретар на НАТО.
Во врска со напорите на Украина за влез во НАТО, Јенс Столтенберг вели дека нема сомнеж дека порано или подоцна Украина ќе биде во НАТО.
Како што вели, Киев се приближил до НАТО за време на Самитот на Алијансата во јули.
„Кога оваа војна ќе заврши, ќе ни требаат безбедносни гаранции за Украина. Во спротивно, историјата може да се повтори“, предупредува тој.