Ако мајките пијат кравјо млеко за време на доењето, нивните деца ќе бидат помалку алергични

Истражувањата покажаа дека ризикот од алергии на храна кај бебињата се намалува доколку мајката конзумира кравјо млеко за време на доењето.

Питер Лио, асистент професор по дерматологија и педијатрија на Медицинскиот факултет во Нортвестерн Универзитетот, изјави дека ова е првиот чекор во дефинирањето на потенцијалната врска помеѓу исхраната на мајката и ризикот од алергии, пренесува US News.

Лио, кој не бил вклучен во студијата, ја нарекол работата добро извршена, темелна и провокативна.

Истражувачите прашале повеќе од 500 мајки од Шведска за нивните навики во исхраната во 34-та недела од бременоста, еден месец по породувањето и повторно четири месеци подоцна. Пријавениот внес на млеко и млечни производи од мајката го потврдиле преку биомаркери во крвта и мајчиното млеко, а алергијата на детето ја потврдил и лекар. Децата во студијата беа претежно алергични на јајца, млеко или на двете.

Миа Стравик, доцент на Универзитетот во Гетеборг, вели дека мајките на здрави едногодишни деца конзумирале повеќе кравјо млеко за време на доењето отколку мајките на алергични деца.

“Една од теориите го застапува мислењето дека млекото во исхраната на мајката содржи супстанции кои го стимулираат имунолошкиот систем на детето. Друго мислење е дека поголем внес на заситени масти во млекото природно може да доведе до консумирање на помалку полинезаситени масти”, рече таа.

Стравик истакнува дека иако има врска, не може да се каже дека кравјото млеко што го консумира мајката е лек за алергии кај децата.

Конечно, д-р Лио ги предупредува мајките дека сè уште не е потврдено дека само пиењето млеко го намалува ризикот од развој на алергии. Тој изјави и дека истражувањето мора да биде поголемо по обем и дека тогаш податоците ќе бидат порелевантни.