Оние автомобили што ги гледавме секојдневно на патиштата до пред 30-на години повеќе ги нема околу нас. Тие беа робусни и технички несовршени, но, сепак, во комунистичките земји од Источна Европа (Варшавскиот пакт), тие беа многу често единствената опција за „работничката класа“.
Советските, полските, чехословачките, источногерманските, романските и југословенските автомобили честопати беа само полоши лиценцирани копии на моделите од западните производители. Сепак, тие имаа душа и затоа денес со носталгија се сеќаваме на нив…
Ви ја пренесуваме листата на најпопуларните модели на автомобили произведени во земјите од источниот блок и поранешна Југославија, кои ги имаше многу на нашите патишта од крајот на 1950-тите до почетокот на деведесеттите, но денес е вистинско бинго тие да се сретнат на нашите улици.
Лада 1200 „Жигули“
Лада 1300 е создадена врз основа на Fiat 124, кој во 1969 година беше прогласен за европски автомобил на годината, а во Русија се произведуваше во 1970 година до 1988 година. Во тој период таа се здоби со статус на неуништлив автомобил, иако во реалноста беше со прилично сомнителен квалитет.
Застава 1300 „Тристаќ“
Лиценцираниот модел е изработен по оригиналниот Fiat 1300. Првата Zastava 1300/1500 излезе од производните линии во 1961 година и во период од 18 години беа произведени 200.000 возила. Застава 1300 беше донекаде симбол на луксуз и беше сон на многу возачи. Последниот примерок е произведен на 20 декември 1979 година.
Škoda 1000 MB/ 100L
Во две генерации, овој чехословачки автомобил беше произведен како 1000 MB од 1964 до 1969 година и од 1969 до 1977 година како Škoda 100. Овој автомобил остана запеметен како легендарно возило поради моторот и погонот поставен одзади, а денес купе верзиите на Шкода имаат посебна цена.
Москвич 408 – 1500
Исклучително ценет автомобил во земјите од Источниот блок кој имаше репутација на мал тенк. Се произведуваше од 1976 до 1988 година, а подоцна доби мотор со 75 КС, што беше навистина добра бројка во доцните 70-ти.
Вартбург 353
Wartburg 353 се произведуваше во Источна Германија од 1975 до 1985 година и беше придвижуван од 3-цилиндричен двотактен бензински мотор со карактеристичен звук, а испушташе синкав чад (подоцна доби модерен бензински мотор VW).
ZAZ 965-868A ‘Запорожец’
Запорожец се произведуваше во фабриката ЗАЗ во Украина (тогаш СССР). Првиот ZAZ 965 излезе од производната лента во 1960 година, технички беше базиран на Fiat, со V4 мотор со воздушно ладење од 23 КС во задниот дел. Најпознатиот сопственик на вакво возило денес е Владимир Путин.
ГАЗ-24 Волга
„Советскиот Мерцедес“ или ГАЗ-24 Волга во социјализмот го возеа припадниците на високата општествена класа. Волга беше омилен автомобил на тајната служба КГБ и социјалистичката буржоазија и беше познат како робустен и удобен. Се произведуваше од 1970 до 1992 година.
Полски Fiat 126p ‘Пегличка’
Популарната „Пегличка“ е произведена во Полска по лиценца на моделот Фиат 126. Овој мал автомобил во текот 1980-тите го возеа милиони Полјаци, како и жителите на други источноевропски земји. Се произведуваше од 1973 до 2000 година.
Трабант 601
Тоа беше одговорот на Источна Германија на Volkswagen: Евтин, многу бавен и несигурен и автомобил кој инспирираше бројни шеги.
Околу 3 милиони автомобили се направени од пластифициран отпад од памук, наречен Дуропласт. Првото возило излезе од производните линии на 7 ноември 1957 година, на четириесетгодишнината од Октомвриската револуција, која ДДР ја прослави заедно со својот голем брат, Советскиот Сојуз.
Двотактниот мотор на Трабант можеше да постигне брзина од 90 километри на час, а карактеристичниот звук на моторот беше еден од непогрешливите знаци за препознавање на овој легендарен автомобил.
Застава 101 – „Стојадин“
Омилениот „Стојадин“ се појави во 1971 година и се произведуваше во Црвена Застава скоро 40 години во бројни верзии. За своето време, тој претставуваше автомобил со модерен концепт – „и пред времето“
Застава 750 ‘Фиќо’
Легендата на четири тркала и еден од најголемите симболи на Титова Југославија се произведуваше во погоните на Црвена Застава од 1962 година, прво како копија на Fiat 600D. Подоцна еволуираше во Zastava 750 и 850 до 1985 година.