Покренато е обвинение против М.Р.(20), С.Б.Ѓ. (20) и Ѓ.Б.(20), кои се осомничени дека во февруари годинава заедно со малолетник киднапирале 18-годишно момче од Нови Сад. Тие се уапсени и чекаат потврда пред судот.
Младите момци грабнувањето го извршиле со два автомобили на кои ставиле лажни регистарски таблички, пишува Телеграф, додавајќи дека жртвата ја начекале по роденденската прослава, ја ставиле во багажникот и ја однеле до хангарот на една компанија. Таму наводно го врзале за стол.
– Потоа го принудиле младиот човек да му се јави на татко му и да му каже дека е киднапиран и да подготви 200.000 евра. Во еден од разговорите му рекле да им каже на родителите дека ќе го убијат и ќе го распарчат доколку повикаат полиција и дека ќе го испратат кај татко му на парчиња – стои во обвинението.
Инаку, родителите веднаш повикале полиција и ја информирале за киднапирањето. Според обвинението, осомничените биле уапсени кога се обиделе да го пренесат младиот човек од една на друга локација. Малолетникот бил во багажникот.
Осомничените се во притвор седум месеци. Се очекува во наредните денови Вишиот суд да го потврди обвинението.
– Добивме повик од киднаперот на сред ноќ, а потоа ни побараа поголема сума пари, па врската беше прекината. Не дадоа детали, а јас и мојот сопруг малку се замисливме и повикавме полиција која за среќа ги уапси киднаперите и им сме благодарни бидејќи ни го вратија детето живо и здраво – изјавила мајката на киднапираниот тинејџер.
Како што изјавила, нејзиниот син вечерта бил на неговата роденденска забава.
– Беше на роденден и колку што знаеме, кога дошол во близина на куќата некој му се јавил и тогаш се случило сè. Сè уште не сме го виделе синот, но слушнавме дека е добро и едвај чекаме да го видиме и да ги дознаеме сите детали, бидејќи сè уште не знаеме што и како точно се случило – објаснила мајката тогаш.
Да потсетиме, српскиот Министер за внатрешни работи, Братислав Гашиќ, им ја честиташе вонредната акција на припадниците на полициската управа во Нови Сад и посочи дека ова е уште една потврда дека полицијата деноноќно ги штити своите граѓани и нема да дозволи никој ги загрози животите и иднината на нашите деца.