Доколку Украина доживее пораз, Литванија би можела да биде следната во низата земји што ќе бидат изложени на слични закани. Балтичката држава, сместена меѓу рускиот сојузник Белорусија и руската ексклава Калининград, активно се подготвува за потенцијална ескалација на конфликтот во Украина и можен обид на Владимир Путин да го прошири своето влијание кон нивните граници, пишува угледниот Financial Times.
Литванија беше окупирана од Советскиот Сојуз во 1940 година, а независноста ја врати дури во 1991 година.
Кога станаа членка на Европската унија во 2004 година, десетици илјади Литванци решија да бараат подобри можности во другите европски земји, особено во Ирска, а според проценките, во моментов повеќе од 30 илјади Литванци се во Ирска во потрага по подобар живот и деловни можности.
Во ова време, Литванија постигна значителен економски напредок и покрај нејзината позиција на периферијата на Европа, со просечни приходи кои се искачија на 89 отсто од европскиот просек.
Според последните податоци, просечната плата во Литванија е околу 1.600 евра, додека интересно е што медиумите пишуваат дека се поголем е бројот на литвански емигранти, особено оние кои заминале во Велика Британија поточно Ирска, сега се враќаат во татковината.
Според истражувањата, дури 55,1 отсто од испитаниците изразуваат желба да се вратат во Литванија во следните шест месеци, а главен мотив за враќање во повеќето од нив е загриженоста за можна војна.
Географската локација на Литванија дополнително ја комплицира потенцијалната закана од руска инвазија на Балтикот. Имено, малиот град Виштитис со само 400 жители е поставен така што буквално гледа преку патот кон можен непријател.
Овде се наоѓа линијата наречена Сувлаки, најкратката копнена рута помеѓу рускиот сојузник Белорусија и руската територија Калининград, област која многумина ја нарекуваат „најопасното место на светот“ и „Ахиловата пета на НАТО“.
„Стравот од потенцијален напад врз балтичките земји станува сеприсутен и загрижувачки, предизвикувајќи потреба од дополнителни подготовки и поддршка од нивните сојузници, бидејќи во моментов Русија е сериозна закана за опстанокот“, изјави поранешната претседателка на Литванија, Далија Грибаускајте.
„Дури и да умрам убивајќи пет Руси, тоа би била моја лична одмазда за мојата служба во Советскиот Сојуз“, изјавил еден Литванец за Financial Times по враќањето од Ирска.
Како и повеќето негови сограѓани, 55-годишникот бил регрут во советската Армија и се присетил на своите денови кога превезувал затвореници во Сибир. Подоцна, откако Литванија стана членка на ЕУ, тој одлучил да ја напушти земјата и да отпатува во Даблин, каде што работел на бензинска пумпа, а сега тој и неговата сопруга се вратиле во татковината и се приклучиле на резервниот состав на литванската Армија, подготвени во случај на руска инвазија.
И многу други граѓани веруваат дека инвазијата е многу можна, а неодамна литванскиот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, изјави дека многу луѓе се загрижени за потенцијалната опасност.
„Сè уште имаме кошмари од руските напади, не само тенкови во Украина и Грузија, туку и овде во главниот град“, изјави тој, додавајќи дека е можна инвазија.
Задолжителниот воен рок во Литванија беше воведен во 2015 година по руската анексија на Крим. Сега имаат 23 илјади професионални војници и 104 илјади резервисти, но сепак зависат од нивниот главен сојузник, САД.
Литванија е членка на НАТО од 2004 година, но се повеќе литвански политичари изразуваат загриженост поради чувството дека американската поддршка за Украина опаѓа.
Ако Украина загуби, балтичките земји претпоставуваат дека тие ќе бидат следни на редот, а нивната иднина би можела да зависи од главниот сојузник на Литванија, САД.
Новиот претседател на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, веќе ја блокираше помошта за Украина. Покрај тоа, се очекува Доналд Трамп да се врати на позицијата претседател, а доколку тоа се случи, Доналд Трамп веќе најави дека нема намера да се обврзе да ја поддржува Украина во војната против Русија.