Центарот за управување со кризи утринава информира дека на територија на државата има активни седум пожари. По прогласување на кризна состојба во траење од 30 дена од страна на Владата по барање на Кризниот штаб на Неготино од рано утринава пожарот во неготинско се гаси од земја и од воздух.
Ангажирани се стотина припадници на Армијата, припадници на Министерството за внатрешни работи, ловџии, шумски работници. Интервенираат и полициски хеликоптер и два хеликоптера МИ 8/17 од воздухопловниот ВИНГ.
Покрај пожарот на планината Серта, активни се и пожарите над селото Бадилен, во месноста Шамок во општина Ново Село, межу селата селата Негорци и Кованец во општина Гевгелија, меѓу селата Горни и Долни Липовиќ во општина Конче, меѓу селата Дреново и Долно Јаболчиште во општина Чашка, над селото Црнилиште во општина Долнени и меѓу селата Драгоево и Селце во општина Штип.
Синоќа поради пожарот на планината Серта затворен за сообраќај беше регионалниот пат Штип-Неготино, кој од утринава е повторно отворен.
Владата синоќа по барање на Кризниот штаб во Неготино прогласи кризна состојба во траење од 30 дена.
Го задолжи Министерството за внатрешни работи да ангажира полициски сили во функција на поддршка при гасење на пожарите, а Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба, додека Министерството за финансии да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.
– Да се информираат претседателот на Република Северна Македонија и Собранието на Република Северна Македонија за донесената Одлука за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија, согласно член 31 од Законот за управување со кризи. За операционализација на Одлуката за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија, а врз основа на дадениот предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Владата на Република Северна Македонија му предлага на претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справувањето со кризната состојба, стоеше во информацијата од Владата.
Од Владата упатија и апел до граѓаните за внимателност при движење во шумите и областите зафатени со пожари.
Владата го задолжи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ – П.О. Скопје, за наредната седница на Владата да информира за состојбите и потребата од ограничување на движењето на лица во шумите и шумските појаси.
Податоците што вчера ги објави ЦУК говорат дека само за 12 дена во јули имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.