Младинската иницијатива за човекови права (YIHR) поднела 308 апликации до општинските служби во 10 градови и општини во соседна Србија со барање за отстранување на муралите и графитите на кои се слави поранешниот командант на војската на босанските Срби Ратко Младиќ, осуден во Хаг за воени злосторства, објави YIHR во понеделник.
Во соопштението на YIHR се наведува дека општинските служби на градовите и општините имаат „законска обврска да ги чистат фасадите во Србија од цртежите на Младиќ и другите воени злосторници, но и од сите други графити кои повикуваат на омраза, како на пр. знакот ‘Z’, под кој Русите вршат инвазија на Украина“.
Тие 308 апликации за отстранување графити и мурали посветени на Младиќ се засновани на информации од повеќе од 120 граѓани од цела Србија што ги добила YIHR за време на кампањата „Вистината да не доцни повеќе“, во која беа мапирани улични мурали од септември до декември 2022 година.
Од 308 графити и мурали посветени на Младиќ, повеќе од 250 од нив се на територијата на Белград, се оценува во соопштението на YIHR.