Албанецот Роан Брахими (32) е убиен синоќа во предградие на Атина, пред очите на сопругата и малолетното дете.
Убиството се случило кога Брахими бил во возилото со сопругата. Додека Брахими минувал низ раскрсницата, непознато лице со мотоцикл се доближило до возилото и испукало неколку истрели во правец на возилото. Брахими починал на лице место, додека неговата сопруга изгубила свест од шокот.
Во моментот на ликвидацијата имаше многу народ на улица и настана голема гужва. Сопственикот на продавницата, која се наоѓа на неколку метри од местото на злосторството, тврди дека прво слушнал три истрели и дека излегол од продавницата за да види што се случува. Тогаш ја слушнал сопругата на Брахими како вреска: „Го убија!!!“
„Слушнав три истрели. Токму тогаш тие зборуваа на радио за играчите на Олимпијакос кои влегуваат на стадионот и помислив дека има огномет. Дојдов до вратата од продавницата и видов жена како ја отвора вратата од автомобилот и вреска: „Го убија. Го убија“, рекол сопственикот на продавницата.
Тој вели дека во тоа време не видел крв.
„Зад автомобилот на десетина метри имало две мали деца кои ги криеле, не знам дали се негови деца. На раскрсницата имало многу деца кога се случило оВа“, тврди сопственикот на продавница.
„Целата беше во крв, бараше помош“
Жител на блиската зграда вели дека слушнал истрели и дека видел жена од терасата како стои до возилото облеана во крв и бара помош.
„Слушнав истрели и излегов на терасата, а потоа видов дожд од куршуми и слушнав жена како вика за помош“, тврди мажот и додава дека мисли дека видел тројца напаѓачи.
Според медиумите, Брахими веќе и’ е познат на полицијата, поради неговото наводно учество во атентат и грабеж. Тој наводно избегал од Албанија во Дубаи бидејќи се плашел за својот живот. Сепак, пред неколку дена решил да дојде во Грција да ја види сопругата и да го види детето. Се верува дека убијците ја следеле неговата сопруга и на тој начин го откриле каде се наоѓа.
Во овој момент не е јасно дали жената која била со него е неговата сопруга од Албанија со која има две деца, бидејќи медиумите пишуваат дека во Грција имал вонбрачна сопруга со која има и дете.
Според првите резултати од истрагата, убиениот „немал работа“ во Грција, а се верува дека оваа ликвидација е поврзана со неговиот бизнис во Албанија.
Според извештаите, Брахими бил погоден со најмалку два истрели, еден во главата, а другиот во вратот.