Новата министерка на Албанија задолжена за јавни тендери нема да биде поткупувана, заканувана или наговарана. А тоа е затоа што Диела, како што ја нарекуваат, е бот генериран од вештачка интелигенција.
Премиерот Еди Рама, кој го започнува својот четврти мандат, во четврток изјави дека Диела, што на албански значи Сонце, ќе ги води и доделува сите јавни тендери преку кои владата ангажира приватни компании за разни проекти.
,,Диела е првиот член на кабинетот кој не е физички присутен, туку е виртуелно создаден од вештачка интелигенција“, рече Рама, претставувајќи го својот нов кабинет.
Таа ќе ја претвори Албанија во „земја каде што јавните тендери се 100 проценти ослободени од корупција“.
Јавните тендери долго време се извор на корупција во земјата, за која експертите велат дека е центар на банди кои сакаат да перат пари од трговија со дрога и оружје низ целиот свет и каде што корупцијата се протнува во коридорите на моќта. Оваа слика го отежнува пристапувањето на Албанија во ЕУ, што Рама сака да го постигне до 2030 година. Политичките аналитичари го сметаат ова за амбициозно.
Владата не разјасни дали Диела ќе биде следена од луѓе или како ќе се елиминира ризикот од можна манипулација. Диела беше претставена претходно оваа година како виртуелен асистент со вештачка интелигенција на платформата e-Albania за добивање државни документи.
Многумина не веруваат во неа.
„Дури и Диела ќе биде корумпирана во Албанија“, коментираше еден корисник на Фејсбук. „Кражбите ќе продолжат, а Диела ќе биде виновна“, додаде друг.