По барање на пратениците од Социјалистичката партија, а поради попречување на нормалното одвивање на вчерашната пленарна седница на албанскиот законодавниот дом, Советот за етика суспендираше двајца пратеници.
Станува збор за Еди Палока и Петрит Дода, од групата приврзаници на Сали Бериша и Газменд Барди.
Ова е последователна ваква одлука за пратеници од оваа група, но за првпат пратеник е исклучен 40 дена.
-Советот за етика одлучи да го исклучи од Парламентот 40 дена Еди Палока, кој во собраниската сала запали примерок од деловникот за работа. Пратеникот Петрит Дода исклучен е 20 дена поради упатување навреди кон други пратеници, стои во објавата на Советот за етика.
Претходно, по иста основа Советот суспендираше околу 30 демократски пратеници со по 10, 18 и 20 дена.
Групата пратеници на Бериша-Барди веќе три месеци создаваат хаос во собраниската сала, со блокирање на говорницата, физички напади на обезбедувањето, пуштање димни бомби, па седниците траат по десеттина до 15 минути со изгласување на точките само од владејачкото мнозинство.
Демократската партија има 55 пратеници, поголемиот број или 47 се во групата Бериша-Барди а само осум со Љуљзим Баша, официјално лидер на демократите.
Инаку според последните измени во собранискиот деловник, за недолично однесување во парламентот, пратеник може да биде исклучен до 60 дена.