Албанскиот Уставен суд ја суспендира постапката за ратификација на договорот со Италија за имигранти

 – Уставниот суд на Албанија вечерва соопшти дека е разгледана тужбата на пратениците од опозицијата против договорот со Италија за прифатни центри за имигранти на албанска територија и истата е суспендирана, јавија медиумите.

– Уставниот суд ја суспендираше ратификацијата, со што е оневозможено гласање за ратификација на овој договор во Собранието предвидено за утрешната пленарна седница. Расправата за разгледување на тужбата на опозицијата ќе се одржи на 18 јануари во 10:00 часот, стои во одлуката.

Се додава дека на 6 месецов, 30 пратеници на Собранието на Република Албанија до Уставниот суд поднесоа барање за проверка на уставноста на Протоколот потпишан меѓу Советот на министри на Република Албанија и Владата на Република Албанија „За зајакнување на соработката во областа на миграцијата“.

По барањето судот требаше да се изјасни во рок од три месеци, но начелно ја разгледа денеска и донесе одлука.

Истото го доставија пратеници од опозициската Демократска партија, приврзаници на Сали Бериша и Газменд Барди, кои сметаат дека договорот е закана за националната безбедност.

Со договорот, што на 6 ноември во Рим го потпишаа премиерите Џорџа Мелони и Еди Рама се предвидува на пролет да профункционираат два прифатни центри во пристанишниот град Шенѓин и поранешната, сега напуштена, воена база Ѓадр.

Месечно треба да бидат сместени три илјади, а годишно 36 илјади имигранти од африканските земји кои тука би останале до добивање одговор за азил од италијанските власти.

Сите трошоци ги покрива италијанската Влада, а важноста на договорот е пет години со можност за обнова.