Премиерот на Албанија, Еди Рама, најави дека вооружените сили на неговата земја наскоро ќе добијат нова флота од беспилотни летала составена од типот – Bayraktar TB-2, за кои, како што вели, се резултат на најсовремена технологија и се користат за воени, полициски и цивилни мисии.
Еди Рама во објава на социјалната мрежа Фејсбук, заедно со видео, посочи дека новите дронови ќе придонесат за зачувување на националната безбедност, како и безбедноста на НАТО.
„Комплетирањето на Албанија со флота од овие беспилотни летала е од особено значење за нашата национална безбедност и безбедноста на НАТО, како усогласеност со обврските што произлегуваат од Стратегијата за национална безбедност, воената стратегија и целите на капацитетите на НАТО. Посветени сме на користење на најнапредната технологија во одбраната на нашата територија“, напиша Еди Рама.