Албин Курти: “Предлог-статутот на ЗСО ќе го претставам кога ќе се договориме за клучните принципи“

Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека ќе ја конкретизира својата визија за нацрт-статутот на Заедницата на српските општини само откако ќе се постигне договор за нејзините клучни принципи.

На денешната пленарна седница на Собранието на Косово, Албин Курти, кажа дека не може да го напише Статутот на Асоцијацијата, па дури потоа да се бара компромис за него, пренесуваат косовските медиуми.

Можам да ја продлабочам мојата визија за статутот на Асоцијацијата, но продлабочувањето подразбира начелна компатибилност. Значи, кога ќе се договориме начелно, вклучително и оние столбови што ги спомнавте дека ги кажав во принцип, тогаш можеме слободно да го продлабочиме текстот. Но, не можеме да пишуваме алтернативни текстови, меѓу кои може да се најде аритметички просек, без претходно начелно да се договориме“, вели Албин Курти.

Вака тој одговори на прашањето на пратеничката на Демократската партија на Косово, Аријана Муслиу Соша дали почнал да го подготвува статутот на ЗСО и дали е формиран тим кој ќе се занимава со ова прашање, како и каде се наоѓа Косово во моментов.

Тој вели дека на последниот состанок за дијалог на високо ниво во Брисел на 2. мај, ја презентирал својата визија за Заедницата на српските општини врз основа на, како што кажа, членот 7 од Основниот договор за нормализација и истакна дека за деталите можат да се се дискутира само откако ќе се постигне начелен договор.

Тој го повтори своето несогласување со нацрт-статутот на ЗСО, подготвен од Управниот тим, кој беше распуштен од косовската влада.

Курти кажа дека визијата на Статутот на ЗСО што ја претставил во Брисел се заснова на хрватскиот модел за националните малцинства.

Мојата влада не се согласи со нацртот на Управниот тим бидејќи ја имитираше Република Српска во Босна и Херцеговина по содржина и форма. Следствено, предложив нацрт-визија за имплементација на членот 7 од Основниот договор и во однос на членот 10, за што не добив одобрение прво од другата страна, а потоа и од официјален Брисел, кој се уште го смета ова прашање отворено. Отсега натаму, во рамките на бриселскиот дијалог можеме да разговараме за имплементацијата на членот 7 од Договорот според мојата визија презентирана во Брисел, која го претставува словото и духот на Уставот на нашата Република, трансатлантскиот консензус на демократските вредности“, додаде тој. 

Албин КуртиКосовополитика