Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во петокот изјави дека Белград никогаш повеќе нема да им сврти грб на Србите „западно од Дрина“ и нема да дозволи некој неказнето да ги прогонува.
Александар Вучиќ го изјави ова откако заедно со претседателот на Република Српска, Милорад Додик, положи венци на споменикот во северозападна БиХ на патот меѓу босански Петровац и Кључ, подигнат во спомен на загинатите во колоната во која цивили и припадници на паравоените единици на бунтовничките Срби се повлекувале од Хрватска за време на операцијата „Бура“.
За потсетување, хрватски воени авиони тогаш нападнаа воени цели во колона на 7. август и ден подоцна во близина на Сводна во околината на босански Нови. Според различни тврдења на српската страна, тогаш биле убиени девет или десет лица, меѓу кои и четири деца.
Александар Вучиќ во петокот изјави дека Србите со години не сакале и не смееле да ги одбележуваат нивните трагедии, но тоа сега е променето.
„Десет луѓе беа убиени само затоа што беа Срби, а четири беа деца“, кажа Александар Вучиќ, тврдејќи дека ги почитува и хрватските и бошњачките жртви, но не сака да дозволи занемарување на српските жртви. Тој најави и дека лично ќе направи се за одговорните за убиството на децата да бидат изведени пред лицето на правдата, што беше очигледна алузија на обвинението на српското правосудство против четворицата хрватски пилоти.
Српското обвинителство за воени злосторства минатата година обвини четворица пилоти на хрватските воздухопловни сили за напад на цивилни цели во конвои на патот меѓу босански Петровац и Кључ, односно кај Сводна на 7. и 8. август 1995 година.
Пилотите Владимир Микач, Зденко Радуљ, Жељко Јелениќ и Данијел Боровиќ се обвинети за командна одговорност, кои сакаат да ги гонат во Србија, повикувајќи се на тврдењето дека имаат универзална јурисдикција за сите воени злосторства извршени на територијата на поранешна СФРЈ.
Министерството за правда на Хрватска ги отфрли барањата на Белград за доставување покана до обвинетите за сослушување со цел да започне судскиот процес, оспорувајќи го авторитетот на српското правосудство во овој случај, најавувајќи дека ќе бидат преземени сите мерки за правна заштита на хрватските пилоти.