Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, планира да ја посети Кина во октомври, каде може да се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин, објави во петокот московската медиумска агенција ТАСС, повикувајќи се на изјавата на Александар Вучиќ за белградската провладина телевизија Happy.
„До крајот на годината очекувам сериозни и важни разговори со нашите многу, многу важни партнери. Во октомври ќе остварам важна посета на Кина. Големото прашање е што ќе се случи таму, бидејќи се очекува и доаѓањето на рускиот претседател Владимир Путин“, изјави Александар Вучиќ.
ТАСС потсетува дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјавил дека очекува оваа есен да ја посети Кина и таму да се сретне со Владимир Путин.
Посетата на Владимир Путин на Кина е закажана за октомври, кога Кина ќе биде домаќин на форумот „Еден појас, еден пат“, потврди претходно помошникот на Владимир Путин, Јуриј Ушаков.
Сепак, целта на Србија мора да продолжи да биде членство во Европската унија од милион причини, а пред се да живее во демократија.
„Србија не сака да живее во диктатури, ниту во деспотски режими, туку во демократии каде што никој нема да убива политички противници или да осудува некого на 30 или 40 години затвор затоа што некој му рекол дека води лоша политика“, посочи Александар Вучиќ.
„Нашата политика мора да биде таква да одиме и да разговараме во Брисел, Берлин, Париз, Рим и сите центри, Виена, Будимпешта, Атина, Софија, Букурешт, Загреб и Љубљана и сите други, за тоа како Србија може да оди напред на европскиот пат, но не смееме да замижуваме пред тоа што се случува во светот и да се правиме дека не разбираме“, заклучил српскиот претседател.