Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски денес повтори дека двотретинско мнозинство во Собранието нема, и дека најдобриот излез од оваа ситуација се избори. Нагласи дека никој од ВМРО-ДПМНЕ не побарал од претседателот на државата Стево Пендаровски да го помилува поранешниот премиер Никола Груевски. За измените во Кривичниот законик, смета дека „најголем грев“ е бришењето на ставот 5 од членот 353 од Кривичниот законик со којшто се бараше одговорност за лица кои ќе направат злоупотреба при јавни набавки.
Александар Николоски, прашан за интервјуто на лидерот на ДУИ, вели дека го гледал, дека најчесто не се согласува со него, но оти со едно се согласува.
„Што го кажа дека договор со ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени нема, акко што и кажа дека ВМРО-ДПМНЕ под бугарски диктат нема да гласа. Тоа е потврда и на нашиот став. Нашиот став останува непроменет. Јасно е дека во Собранието нема двотретинско мнозинство. Најдобриот излез од оваа политичка криза се предвремени избори“, изјави Александар Николоски.
За измените на Кривичниот законик, тој повтори дека неговата партија е против и дека тој го изнел ставот детално во авторски текст.
Во однос на присуството на седницата кога се гласање за измените на Кривичниот законик, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели и дека дури и ако ја напуштиле седницата ќе имало прашања зошто го направиле тоа.
„Ние на седницата решивме да останеме кога власта обезбеди кворум. Да ве потсетам дека пратениците на Алијансата за Албанците беа внатре во сала, направија кворум, но не гласаа никако, ни за ни против, ни воздржани и решивме сите ние кои бевме присутни вп Собранието да гласаме против за да искажеме јасен став. Мислам дека од гласање против појасен став дека сте против нема. Но јасно беше дека е спремна пропаганда и ако бевме присутни и ако не бевме“, кажа Александар Николоски.
Факт е, додава тој, дека измените на Кривичниот законик се упад во делот на гонење на кривични дела поврзани со злоупотреба на службена положба и овластувања. За него најголем грев тука, а што не било обрнато многу внимание во јавноста е бришењето на ставот 5 од членот 353 од Кривичниот законик.
„Во стариот Кривичен законик се предвидуваше одговорност за лица кои ќе направат злоупотреба при јавни набавки народски кажано при тендери. Сега тоа го нема воопшто. Во останатите четири ставови се намалуваат казните, но ставот 5 е целосно избришан, што значи дека утре којбило министер или директор кој што има право на јавна набавка направи јавна набака која е спротивно на закон и криминална нема да одговара. По мене тоа е најголемиот проблем во овој Кривичен законик“, вели Александар Николоски.
За тоа кој барал аменстија од претседателот Стево Пендаровски за поранешниот премиер Никола Груевски, Александар Николоски кажа дека од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ од Стево Пендаровски никој не барал ништо.
Според него, Стево Пендаровски се претворил во најголема „политичка алапача“ на македонската политичка сцена што, како што кажа, целосно ја урива позицијата претседател на државата.
„А ако некој побарал од него треба да каже кој или треба да каже дека лажел“, вели Александар Николоски.