Ние разгледавме извештаи на надлежните институции во државава на АНБ, на Агенцијата за разузнавање, воено разузнавање, МВР и според нив кои се државна тајна и не можам да одам до детали, но можам да кажам дека не добивме кредибилен демант на сомнежите дека македонските граѓани не се следени, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за вестите на Алфа.
– Во однос на нас како политичари и најголема опозициска партија, имаме сомнежи подолг временски период дека сме и физички следени и дека се следи нашата комуникација, телефонски интернет и така натаму. До денес немаме добиено кредибилен демант што зборува многу за состојбата во која се наоѓа Македонија, додаде Николоски.
Тој посочи дека тука е секако злоупотребата на некои софтверски алатки преку малициозен софтвер кој е незаконски, познати во јавноста се повеќе форми од типот на Пегасус.
– За тоа ќе расправа и Советот на Европа, во октомври ќе има сесија на која ќе се зборува и очекувам оваа тема да ја отворам и таму. А по промената на власта детално ќе ја истражиме секоја институција да видиме каде се злоупотребувале мерките на следење и зошто тоа се прави врз ВМРО-ДПМНЕ. Оние кои го правеле тоа ќе одговараат, нагласи Николоски.
Во однос на неговата посета на Босна и Херцеговина како известител, тој истакна дека тоа е добро за имиџот на Македонија да има еден ваков претставник и да оценува друга држава.
Во Босна и Херцеговина имав една исклучително значајна мисија, јас сум известител за Парламентарното Собрание на Советот на Европа за оваа држава. Тоа престижна улога, досега немало од Македонија пратеник, политичар кој бил на ваква позиција. Тоа дава можност да се оцени состојбата таму и да се презентира пред Советот на Европа. За жал целиот регион страда од широко распространета корупција и криминал кои ги уништуваат и државите и општествата. Тоа е нешто што го гледаме во Македонија и регионот и според мене треба да биде приоритет број еден доколку сакаме да се надминуваат овие состојби кои се далеку од добри и кои ги мотивираат луѓето да си заминуваат од целиот овој регион, рече Николоски.
Николоски: Уставни измени под бугарски диктат нема да има
Ако внимателно ги следите тезите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе видите дека и ние истото го кажуваме дека Бугарија нема да запре овде. И конечно тоа го призна министерот за надворешни работи. Се поставува логично прашање зошто да се исполнат овие бугарски барања кога немаме никаква гаранција дека нема да стават вето за 6 или 12 месеци и дека нема да испорачаат нови барања и нема да се бара од нас и тоа да се реализира, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за вестите на Алфа.
Николоски истакна дека признанието на Османи е најдобар доказ дека ја лажат македонската јавност со години, како најдобар доказ за дволичната политика што ја водат.
– Министер за надворешни работи кој би имал доволно самопочит после вакво признание би се повлекол а владата би си дала оставка затоа што поставуваат ова како прашање број 1 во Македонија, рече Николоски.
Тој додаде дека јавноста повеќе од година дена е оптеретена со уставните измени кои нема да се случат.
– Уставни измени нема да има, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи и дозволи уставни измени под бугарски диктат. Но, ова признание на Османи е најдобар доказ за тоа што кажуваме дека барањата на Бугарија немаат крај, изјави Николоски.
СООПШТЕНИЕ – Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ