„Од она што го слушнавме, не добивме кредибилен демант дека во Македонија не се случува следење на граѓаните со т.н. малициозен софтвер односно напредни софтвери кои буквално влегуваат во домот“, посочи Александар Николоски, член на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање на прес-конференција по завршување на комисиската седница која поради класифицирани информации беше затворена за јавноста.
Комисијата ги разгледуваше информациите што од надлежните институции ги побара пред два месеца во однос за софистицираните системи „Пегасус“ и „Предатор“ во врска со нивното производство, продажба, користење и можни злоупотреби, откако Соединетите Американски Држави ја ставија на црна листа македонската фирма „Сајтрокс“ во врска со производство на таков т.н. малициозен софтвер во државава.
Комисијата во јули побара извештаи од четири институции: Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање во однос на тоа дали во државава нелегално се следат комуникации и дали се произведува софтвер со кој може да се следат нелегално комуникации. Со исклучок на извештајот на военото разузнавање, вели Александар Николоски, извештаите на останатите три институции биле класифицирани како строго доверливо и бидејќи се работи за државна тајна, не изнесе детали за информациите што биле презентирани на комисиската седница.
„За мене многу позначајно од тоа дали се произведувал ваков софтвер е дали се користел тој софтвер затоа што тоа отвора многу сомнежи за слободата на движење на граѓаните, за приватноста на домот. Овие софтвери може да влезат многу подлабоко од она што досега беше класично прислушување односно следење на комуникациите преку гласовна комуникација и преку СМС-пораки“, кажа Александар Николоски.
Прислушувањето во Европа веќе добива други димензии, додаде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, т.е. масовно следење на приватни фотографии и видеа од средби што граѓаните ги имаат и кои може да бидат документирани т.е. снимени, како и влегување во домот преку смарт-телевизори кои најчесто се поврзани на кабелски оператор.
„На тој начин телевизорите се користат како начин да се снимаат разговорите дома, аудио, а оние кои имаат можност и видео, практично да се влезе во домот на секој граѓанин, што е застрашувачки, како и да се прави профилирање на граѓанинот преку локациите на кои присуствувал, што исто може да се следи со овие малициозни софтвери, веб-страниците што ги отворал, луѓето со кои комуницирал и на тој начин да се прави цел профил“, кажа Александар Николоски.
Неговата политичка партија, како што рече, има сериозно сомневање дека се „под континуирано физичко следење како опозициски политичари“ кое смета дека „најверојатно се прави нелегално од страна на одредени структури во безбедносниот сектор во државата“.
Александар Николоски соопшти дека Комисијата ќе побара од МВР и од двете агенции – за разузнавање и за национална безбедност, да ги декласифицираат информациите односно да се избрише степенот на тајност строго доверливо.
„Ако може во Советот на Европа, под кој е Европскиот суд за човекови права, кој е надлежна институција и за злоупотреба на комуникации во Европа, да има дебата која е целосно отворена и јавна, и каде во октомври ќе има многу поосетливи информации од тие што ние денеска ги добивме на Комисија, не гледам зошто во Македонија би било строго доверливо за и јавноста да може да ги знае и анализира тие извештаи“, вели Александар Николоски.
Тој ќе учествува во дебатата за злоупотребата на шпионските системи за следење „Пегасус“ и „Предатор“ што ќе биде една од главните точки на редовната есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во втората недела на октомври. Веќе учествувал, вели, на сослушувањето во Париз за злоупотребата на „Пегасус“ и „Предатор“ каде што новинари и политичари од три земји – Шпанија, Полска и Грција, сведочеле за своите лоши искуства со овој начин на следење.
„Темата е огромна и ја афектира Македонија на два начина, првиот – преку производство на ваков софтвер кој потоа е користен и за кој до денес институциите немаат дадено одговор каде се е продаден и во која се држава е користен, и вториот е следењето на комуникациите дома затоа што, како што кажав, не добивме кредибилен демант дека тоа не се прави и во Македонија“, истакна Александар Николоски.
На сесијата на ПССЕ во Стразбур на оваа тема се очекува, вели тој, да биде усвоена резолуција што ќе стане обврзувачка за земјите на Советот на Европа каде што и Македонија е полноправна членка.