Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални изјави, откако судот го осуди на 19 години затвор, дека Владимир Путин не смее да ја постигне својата цел и ги повика Русите да не ја губат волјата за отпор.
„Бројот на години е ирелевантен. Потполно ми е јасно дека, како и многу политички затвореници, сум во доживотна казна затвор каде животот се мери според должината на мојот живот или животот на овој режим“, напиша Навални на Фејсбук.
Тој додаде дека казната не важи само за него, туку и за граѓаните на Русија.
„Вие, а не јас, сте исплашени и без волја за отпор. Вие сте принудени да ја предадете вашата Русија без борба на бандата предавници, крадци и никаквци кои ја презедоа власта. Путин не смее да ја постигне својата цел. Не губи волјата за отпор“, рече Навални.
Рускиот суд во петокот го осуди Навални на 19 години затвор под обвинение за екстремизам, откако го прогласи за виновен за основање и финансирање екстремистички организации и активности.
Навални веќе отслужува деветгодишна затворска казна за кршење на условниот отпуст, измама и непочитување на судот.
Опозицискиот политичар ги негира сите обвинувања.