– Ревизорскиот извештај за периодот јануари 2021 – јуни 2023 година покажува дека на 14 од 18 случајно избрани и анализирани тендерски постапки за јавни набавки во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се пријавила само една компанија. За три постапки имало по две понуди, а за една постапка биле доставени три понуди. Во голем дел од постапките, сумата за одредена набавка што била предвидена во планот за јавни набавки на МИОА, била иста со сумата што ја понудила одредената компанија, соопшти денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
На прес-конференција по средбата со стопанските комори, Алиу рече дека вкупната сума за 18-те постапки е 6,5 милиони евра. Предметите опфатени со ревизијата биле по случаен избор, а ги анализирал независен ревизор, од отворање на тендерската постапка до финална исплата за реализираните активности. Некои од нив, потенцира, се со висок ризик од можни злоупотреби.
Министерот ги информирал коморите за Извештајот и побарал од нив да кажат зошто мал број компании аплицираат на тендерите. Му одговориле дека „се соочуваат со тендерска документација која, ако се прочита, е очигледно за која компанија е напишана“.
Затоа, најави Алиу, за секоја наредна тендерска постапка, при истражување на пазарот, МИОА ќе свикува прес-конференција. Целта е да ги увери компаниите во транспарентноста, како и детално да ги информира кои се потребите на Министерството. Веројатно така, нагласи, ќе се намали недовербата која е веќе креирана меѓу јавниот и приватниот сектор.
-Не сум правник за да кажам дали сето ова е законски или не, а и во Извештајот не е нотирано нешто незаконско, но нотирано е дека има ризици од злоупотреба. Има институции кои понатму треба да ги следат и анализираат овие процеси. Од една страна, одредени компании ги злоупотребуваат процесите и сами креираат политики врз основа на своите бизнис интереси, а од друга, голем дел од компаниите, поради одредени причини, не се јавуваат на јавните повици на државните институции. Ова влијае на конкурентноста и можноста за поголем избор, односно државните институции се принудени да плаќаат повисоки цени поради малата понуда од компаниите. Затоа, потребно е системско решение кое ќе ги спречи сите потреби за злоупотреби и ќе ја зголеми понудата на добра и услуги кон државните институции, истакна министерот.
Тој најави дека МИОА за четири до пет месеци повторно ќе излезе со ваков извештај, но за десетгодишен период.
-На денешната средба, ги известив коморите за ревизорскиот извештај и побарав од нив да кажат зошто се случува ова, кои се постапките, процедурите и методологијата со која ние ќе се подобриме за тие да аплицираат. За жал, нивниот одговор, на повеќето компании, беше дека немаат доверба во јавните институции и затоа воопшто не трошат ресурси за да аплицираат. На моето прашање, дали ќе се поодбри тоа ако одржуваме прес-конференција во фаза на анализа на пазарот на трудот и дали тогаш би се пријавиле, одговорија потврдно, дека, да, тоа е една од можностите за да бидат сигурни и да знаат однапред што се слуќува и кои се барањта. Според нив, сега се соочуваат со тендерска документација која, велат, ако ја прочитате, ќе видите дека е очигледно за која компанија е напишана. Тоа е фидбекот што го добив денеска од приватниот сектор, истакна Алиу.
Ревизорскиот извештај е јавно достапен на веб страницата на МИОА.
-Сакаме да бидеме транспарентни и одговорни кон граѓаните, како и да ги подобриме тендерските процеси во земјава. Затоа, МИОА во наредниот период ќе организира средби на кои навреме ќе ги информира сите компании заинтересирани да учествуваат во натамошните постпаки и да одговараат на нашите повици. Има многу точки во кои ние треба да се подобриме како институција, а ни ги дава Ревизорскиот извештај. На пример, да се подели Работната група која пишува тендерска документација со Работната група која ги следи процесите и таа што дава извештај за имплементација на проектите, подвкече министерот.