Министерот за здравство, Азир Алиу, и заменик-министерот, Јовица Андовски, заедно со премиерот, Христијан Мицкоски, и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денес ја посетија Клиниката за ортопедија и трауматологија, по повод завршувањето на целосното реновирање на трауматолошкиот оддел.
„Продолжуваме со инвестиции во здравствената инфраструктура, кои се од суштинско значење за подобрување на условите за лекување на пациентите. Инвестирањето во трауматолошкиот оддел е особено важно, со оглед на тоа што тука се лекуваат пациенти со многу сериозни здравствени состојби.“
„Исто така, реновирањето на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивна нега е во напредна фаза, па во овој период се направени многу инвестиции што целосно ги подобруваат условите во оваа терцијарна установа од највисоко ниво“, изјави министерот Алиу, соопшти Министерството за здравство.
Како дел од оваа инвестиција, беа заменети сите прозорци, врати, подови и беа поставени нови кревети за пациентите, со што одделението беше целосно реновирано по повеќе од 20 години.
Во изминатиот период, оваа Клиника значително го зајакна и својот кадар, со вработување на вкупно 36 лица, вклучувајќи лекари, медицински сестри и друг здравствен и нездравствен персонал. Што се однесува до новата опрема, пуштени се во употреба 3 рендген апарати кои претходно не работеа, набавени се 2 нови аспиратори, а во тек е и набавка на нов DEXA скенер и уред за прочистување на крвта.