Денес се одржа промоција на Стратегијата за соработка со Светската здравствена организација за периодот 2026–2030 година, на која присуствуваа министерот за здравство, Азир Алиу, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, како и претставникот на СЗО, Аким Али, координаторот на Обединетите нации, Рита Колумбија, и Лесли Милер од УНИЦЕФ.
Министерот за здравство, Азир Алиу, нагласи дека стратегијата е целосно усогласена со Националната стратегија за развој, со обврските што произлегуваат од процесот на членство во Европската Унија и со Рамката за одржлив развој на Обединетите нации.
„Во наредниот период ќе бидеме посветени на зајакнување на партнерствата со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ со посебен фокус на вакцинацијата, како и со УНФПА во однос на подобрување на здравствената заштита за мајките и децата. Министерството за здравство ќе продолжи активно да работи на главните приоритети: процесот на дигитализација, транспарентноста и отчетноста кон граѓаните, како и фер здравствен систем што функционира во интерес на граѓаните“, нагласи министерот Алиу.
Аким Али од Светската здравствена организација нагласи дека оваа стратегија не е само здравствена политика – туку станува збор за градење стабилност, доверба и пофер иднина за сите во земјата.
„Со Стратегијата, Северна Македонија се приклучува кон заедничките европски напори за зајакнување на отпорните и подготвени за иднината здравствени системи“, нагласи Алиу.
Координаторот на Обединетите нации, Рита Колумбија, нагласи дека стратегијата за партнерство со земјата покажува како глобалните обврски се преведуваат во национална акција – целосно усогласена со здравствената и развојната агенда на земјата.
„Здравјето не може да се гледа изолирано; тоа е поврзано со образованието, животната средина, климата, социјалната заштита и дигиталната трансформација. Стратегијата обезбедува рамка за заедничко дејствување врз основа на овие врски“, заклучи тој.