Претседателството на Алијанса за Албанците денеска ќе одржи седница во Тетово посветена на политичките случувања во земјава, на чиј дневен ред ќе биде и одлуката на Централното собрание за формирање на тим што ќе ги води преговорите за влез во Владата.
Денешната седница доаѓа по заседанието на Централното собрание на Алијанса за Албанците (АА) одржано во саботата во Куманово, на кое беше донесена одлука Претседателството да формира тим кој ќе разговара за евентуално вклучување на партијата во Владата.
– Централното собрание го овласти централното раководство на Алијанса за Албанците евентуално да одлучи понатаму да има официјална екипа којашто ќе разговара следните шест-седум дена до максимум две недели, за евентуално вклучување на Алијанса за Албанците во Владата или ако тоа продолжи повеќе, евентуално да прекине и да донесе конечна одлука, изјави партискиот лидер Арбен Таравари по саботната седница на Собранието.
Партијата Алтернатива, која е една од членките на владината коалиција, во понеделникот изрази резерви кон вклучувањето на АА во Владата, оценувајќи дека нејзината улога би била „да го амортизира расколот во ДУИ“.
– На Алијанса не и требаат функции за гласање на уставните измени, доколку се искрени во нивната посветеност за ЕУ, посочија од Алтернатива, со оценка дека „тој што е во неволја“ треба да биде подготвен да ослободи дел од ресурсите што моментално ги води.
Извори од партијата за МИА потврдија дека по ваквиот партиски став, во средата во Владата се одржала средба меѓу премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски и лидерите на ДУИ и на Алтернатива, Али Ахмети и Африм Гаши.
Според истите извори, Ковачевски и Ахмети му образложиле на Гаши дека потребата за влез на Алијанса за Албанците во Владата е за пофункционално Собрание, односно мнозинството да не „кубури за кворум“ и што во таа насока можат да направат трите владини партнери. На средбата не било побарано Алтернатива да отстапи конкретно Министерство, но со формулацијата „што може да направиме за влез на Алијанса во Владата“, според партиските извори, јасно е дека „трите партии треба да отстапат по еден ресор“.
– Гаши на средбата ја повторил позицијата дека Алтернатива веќе има договор со СДСМ за Влада и дека очекува тој договор да се исполни. Дека и по една година од договорот се уште не се реализирани ниту сите програмски, ни кадровски решенија кои биле договорени, односно дека 15 кадровски позиции не се исполнети. Гаши прашал зошто сега да склучат нов договор за влез на Алијанса во Владата и кои се гаранциите дека тој ќе се реализира, кога не е исполнет договорот меѓу Гаши и експремиерот Зоран Заев, велат од Алтернатива.