Алтернатива со предлог за уставен амандман за незастарување на кривичните дела на функционерите

Партијата Алтернатива подготви предлог текст за уставен амандман, со кој се предвидува никогаш да не им застаруваат кривичните дела извршени од страна на избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, кој потенцира дека уставниот амандман го изработиле во консултација со правните органи. Тој посочи дека на широка јавна дебата ги повикале уставните експерти и другите политички партии.

Нашата цел е да изградиме уставен механизам, кој ќе ги адресира сите избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт, кои со незаконски извршување на службената положба, се стекнале противправна имотна корист. Предлогот на Алтернатива е законите да можат да имаат ретроактивно дејство и во случаите поврзани со застарување на кривичната одговорност за сторени злоупотреби од страна на избрани и именувани лица при практикување на јавни овластувања со кои е причинета штета на јавните фондови, буџетските средства на централно и локално ниво и со таквите злоупотреби е стекната противправна имотна корист“, кажа Муртезани.

Со предлогот се предвидува да се дополни и членот 52 од Уставот со став пет дека „законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните“.

Според Муртезани, предложениот амандман ќе биде основа и ќе отвори можност со измени и дополнување со нов член 112-а во Кривичниот законик да се предвиди одредба со која евентуалните кривични дела сторени од избрани и именувани лица кои се категоризирани како кривични дела при злоупотреба на службената должност, никогаш да не застаруваат. Ова, како што кажа, подразбира и проширување на опфатот на конфискација на противправно стекнат имот, впишан на трети лица.

Со овој амандман ќе се даде уставен основ за ревизија на сите правосудни постапки за поранешни или сегашни избрани и именувани лица, кои се прекинати заради застареност на евентуалната кривична одговорност. Со овој Амандман, впрочем ќе се излезе во пресрет на барањата на граѓаните за обезбедување на владеење на правото, правна сигурност и еднаквост пред законите и правосудните постапки за сите избрани и именувани лица кои на предлог на политичките партии кои извршувале или извршуваат функции во законодавната, извршната и локалната власт, а кои го злоупотребуваат своето влијание и вршат притисоци да ги пролонгираат постапките против нив додека истите не застарат“, кажа Муртезани.

АлтернативаМакедонијаОрхан Муртезаниполитика