Здравствениот систем во Појасот Газа повеќе не функционира, изјави денеска палестинската министерка за здравство Маи ал Кејла.
-Здравствениот систем целосно се распадна, Појасот Газа остана без лекови за рак, дијабетес и бубрежна инсуфициенција, а има сериозен недостиг на медицински материјали, изјави Ал Кејла за руските медиуми.
Палестинската министерка нагласи дека се потребни итни резерви на гориво за повторно отворање на главните клиники во Газа. Таа повика да се отвори коридор за испорака на хуманитарна помош бидејќи, според неа, досега пристигнатото е „капка во морето“.
Во текот на изминатите неколку дена, три конвои со хуманитарна помош поминаа од Египет во Појасот Газа преку контролниот пункт Рафа, а четвртиот замина синоќа.
Светската здравствена организација соопшти дека се уште не е во можност да достави хуманитарна помош од Египет до болниците во северниот дел на Газа поради недостаток на безбедносни гаранции.
Меѓународната заедница се залага за хуманитарен прекин на огнот, за да може помошта да стигне до цивилите во Појасот Газа.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа откако јужните региони на земјата на 7 октомври беа погодени со ракети и физички напади од палестинското милитантно движење Хамас. Израел возврати со воздушни напади врз палестинската енклава, а во судирите досега загинаа повеќе од 1.300 Израелци и повеќе од 5.000 луѓе во Појасот Газа.