Амбасадата на САД во Белград има сознанија дека Србија не и продава оружје на Украина, соопштено е за Радио Слободна Европа (РСЕ) во врска со наводите во тајните документи на Пентагон.
„Не можеме да ги коментираме наводните доверливи информации, но според нашите сознанија Србија не и продава оружје на Украина“, изјавија за РСЕ од американската амбасада во Белград.
Пренесувајќи податоци од обелоденети тајни документи на Пентагон, агенцијата Reuters претходно денеска соопшти дека Србија се согласила да испрати оружје во Киев или веќе го испратила. Ова веднаш го демантираа српските министри за одбрана и за надворешни работи Милош Вучевиќ и Ивица Дачиќ.
Александар Вучиќ изјави дека Србија не испратила оружје на украинската или руската страна, ниту на земјите што го опкружуваат тој конфликт, и дека тоа нема да го стори.
Дачиќ кажа дека Србија ја почитува политиката на воена неутралност и за продавање оружје на трети страни, кои се далеку од конфликтот и немаат никаква врска со тоа.
Документот во кој умаше увид Reuters, ги сумира одговорите на европските влади на барањата на Украина за воена обука и „смртоносна помош“, т.е оружје, и е меѓу десетиците доверливи документи објавени на интернет во последните неколку недели, за кои се верува дека се најсериозното откривање на американски тајни во последниве години.
Прашањето за испраќање српско оружје за украинските сили е актуелно откако рускиот портал mash.ru на 27. февруари, без да наведе извори, објави дека најмалку 3.500 ракети произведени во српската фабрика за оружје „Крушик“ завршиле во воените арсенали на Украина, кои Киев ги користи во нападите врз руските позиции.
На 2. март Москва соопшти дека побарала официјално објаснување од Белград за информацијата дека српско оружје и било доставено на Украина. Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, тогаш изјави дека Москва е длабоко загрижена поради наводите за вмешаност на Србија во продажба на оружје на Украина.