Амбасадорот одржа говор на конференцијата „Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите од Западен Балкан“, која се одржа во Скопје во рамките на Претседателскиот центар за политичко образование.
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави (САД) во Србија, Кристофер Хил, повика на „подобрување на тонот“ на изјавите на официјалните лица, со цел да се подобрат билатералните односи меѓу Косово и Србија.
Амбасадорот Хил одржа говор на конференцијата „Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите од Западен Балкан“, која се одржа во Скопје во рамките на Претседателскиот центар за политичко образование, на која присуствуваше и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Кристофер Хил беше амбасадор на САД во земјата од 1996-1999 година, а истовремено беше и специјален пратеник за Косово во 1998-1999 година, токму во годините на војната во Косово.
Тој, исто така, беше и заменик на високиот американски дипломат Ричард Холбрук во преговорите за постигнување на Дејтонскиот договор со кој се постигна мир во Босна и Херцеговина.
Амбасадорот Хил во својот говор рече дека Северна Македонија напредувала многу од времето кога тој беше амбасадор, додавајќи дека земјата „многу наскоро“ ќе биде дел од Европската Унија (ЕУ).
Тој зборуваше и за регионалните прашања, при што ја истакна потребата од регионална интеграција. Хил го поздрави учеството на Северна Македонија во иницијативата „Отворен Балкан“, наведувајќи дека САД ја поддржуваат оваа иницијатива.
Зборувајќи за косовско-српското прашање, тој повика на „подобрување на тонот“ на изјавите на официјалните лица за да се дојде до подобрување на билатералните односи.
„Ова е многу тешко прашање и мислам дека ако прашате многу Срби ‘што мислите дека треба да се направи’, одговорот е: ‘Косово е Србија и Косово треба да ѝ се врати на Србија.’ Мислам дека тоа нема да функционира. Мислам дека кога сте во практичен свет, на проблемите треба да гледате од практична перспектива“, рече амбасадорот Хил.
Тој, исто така, рече дека се надева дека ќе има подобрувања во ситуацијата во Босна и Херцеговина.
Претседателот Пендаровски во својот говор ги поздрави активностите на Претседателскиот центар за политичко образование и претседателот на Програмскиот совет, проф. д-р Александар Спасов, потенцирајќи дека ова е трета генерација млади луѓе што учествуваат во овие активности.
„И оваа година, како и претходните две, благодарение на професорот Спасов, се потрудивме и успеавме да донесеме, јас мислам, една забележителна и една добра серија предавачи од Академијата и практичари што ќе можат да ви ги доближат главните политички категории, да зборуваат за актуелните политички трендови, не само кај нас туку и пошироко во регионот и во светот”, рече Пендаровски.
Претседателскиот центар за политичко образование е формиран со одлука на претседателот Стево Пендаровски, со цел јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност.