Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Гилад Ердан, го обвини Хамас за воени злосторства и кажа дека е време да се уништи „терористичката инфраструктура“ на палестинската милитантна група.
„Ова се воени злосторства, ова се очигледни документирани воени злосторства. Ерата на разумен третман на овие дивјаци заврши. Сега е време да се уништи терористичката инфраструктура на Хамас, целосно да се збрише, за никогаш повеќе да не се повторат такви ужаси“, изјави Гилад Ердан пред новинарите пред седницата на Советот за безбедност на ОН, која ќе се одржи вечерва зад затворени врати.
Тој додаде дека не гледа причина да не се продолжат преговорите за нормализација на односите на Израел со Саудиска Арабија, кои се водат со посредство на САД.
„Не гледам причина зошто тоа треба да се тргне од маса. Ние сè уште сакаме тоа да се случи“, истакна Гилад Ердан.
Амбасадорот апелираше до меѓународната заедница да го поддржи Израел и да ги осуди акциите на Хамас.
Американски медиуми претходно денес објавија дека е многу веројатно нападот на Хамас врз Израел да имал за цел да ја наруши нормализацијата на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.