Американската „црна листа“ уште актуелна за Македонија

Американскиот претседател Доналд Трамп ја потпиша одлуката за Западен Балкан со која се продолжуваат за една година вонредните мерки што поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш ги донесе пред 16 години, објави американската влада.
Одлуката, меѓу другото, вклучува објавување на таканаречените црни листи на лица и организации под санкции на САД поради кршење на Дејтонскиот мировен договор и загрозување на националната безбедност и интереси на САД. Трамп ги продолжи мерките за уште една година, а тоа го стори и во претходниот мандат, во 2017 година, како и неговите претходници на претседателската функција.

За потсетување, на 26 јуни 2001 година Буш издаде извршна наредба во која се наведува дека интересите на САД се загрозени од поединци и организации во Босна и Херцеговина, Македонија и Косово. Наредбата предвидува голем број правни последици, вклучувајќи блокирање средства, забрана за влез во САД и финансиски трансакции за обвинетите од Хаг и околу 150 лица и организации поврзани со обвинетите за воени злосторства, терористички организации или поткопување на Дејтонскиот мировен договор.

Вашингтон верува дека овие лица ги загрозуваат мирот и процесот на стабилизација во регионот.
– Заканата што се гледа во постапките на лицата што се вклучени, помагаат или финансираат екстремистичко насилство во Македонија и на други места во Западен Балкан или во попречувањето на спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор и резолуцијата на ОН во Косово, не е отстранета – се наведува во одлуката што, по Буш, Барак Обама и Џо Бајден, ја потпиша и Трамп.