– Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и’ наложи на посадата на носачот на авиони „USS Gerald R. Ford“ и уште еден борбен брод да останат во Средоземното Море уште неколку недели за да го задржат присуството во близина на Израел.
Директивата доаѓа во момент додека продолжуваат израелските напади на Појасот Газа.
Неколку неименувани американски функционери потврдија дека оваа недела е одобрен подолг ангажман за носачот на авиони „USS Gerald R. Ford“ и борбениот брод „USS Normandy“.
Ова е трето продолжување на ангажманот на носачот на авиони, со што се нагласува „постојаната загриженост“ поради нестабилноста во регионот за време на израелската војна во Газа.
Пентагон го зголеми своето воено присуство во регионот откако Израел ги започна своите немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени над 18.800 Палестинци, а ранети се повеќе од 51.000 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Меѓу убиените најмалку 8.000 се деца, а 6.200 се жени.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.