Колку победата на Трамп може да влијае за надминување на проблемот со Бугарија.
Победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД предизвика сериозен политички земјотрес на глобалната политичка сцена, а уште веднаш по обзнанувањето на изборните резултати почнаа да се прават планови какви релации ќе воспоставува секоја земја со новата американска администрација.
Во однос на Македонија, земјава и досега имаше исклучително блиски и пријателски односи со САД имајќи го предвид стратегиското партнерство, така што сега надежите се полагаат во решеноста на новиот американски претседател да ги придвижи работите напред и во тој контекст се набљудува и евентуален нов американски притисок врз Бугарија да го откочи евроинтегративниот пат на земјава.
Администрацијата на Трамп има блиски односи со новата македонска влада, имајќи ја предвид неодамнешната посета на Ричард Гренел на земјава, при што се сретна со премиерот Мицкоски, кога станало збор за американски инвестиции во енергетиката. Првите сигнали од Вашингтон говорат дека токму Гренел би можел да биде новиот американски државен секретар, човекот што исклучително добро ги познава состојбите на Балканот.
Претставници на македонската влада уште пред претседателските избори во САД имаа средби со други блиски соработници на Трамп, што говори дека Македонија има добра шанса во новата американска политика да добие огромен сојузник во надминувањето на отворените прашања со Бугарија.
Тесните врски со луѓето од доверба на Трамп треба да се искористат
Дел од аналитичарите сметаат дека победата на Трамп на претседателските избори во САД може да биде добра вест за Македонија имајќи го предвид фактот што домашните политичари од власта имаат тесни конекции со луѓето од блиското опкружување на Трамп и што тие луѓе може да се искористат за лобирање во полза на македонските позиции во однос на Бугарија.
– Добро е што имаше претходно средби, се покажа како визионерска инвестиција тоа што од ВМРО-ДПМНЕ на два наврати разговараа со Гренел – потенцијално, можеби идниот раководител на Стејт департментот, така што, може да очекуваме, бидејќи има такви најави и од страна на Европската Унија и некои главни држави, да се даде одредена поддршка, односно разбирање, за да се истражат модалитетите околу уставните измени, пред сѐ уставни измени со одложено стапување во сила, кои ги заговара ВМРО-ДПМНЕ – смета Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.
Според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, ангажманот на САД на Балканот ќе продолжи и во следниот период, а интенцијата е да се затворат сите отворени прашања, вклучувајќи го и она на Македонија со Бугарија.
– САД ќе продолжат да се ангажираат на Балканот, тоа е сосема сигурно. Мислам дека еден од приоритетите на администрацијата на Трамп ќе биде да се затворат сите можни отворени и сите можни потенцијални жаришта што би биле на европско тло, вклучувајќи го и Балканот, а тоа значи обид да се затворат оние нерешени прашања. Најтешкото е она со Косово, тука е Република Српска во БиХ, но тука сме и ние поради Бугарите. Сметам дека најлесно ќе се реши проблемот меѓу Македонија и Бугарија затоа што реално се сведува на некаков бугарски инает. Овој предлог што беше упатен од страна на новата македонска влада, за одложено дејство на уставните измени, не само што нѐ понижува никого, туку едноставно со тоа ја добиваме онаа гаранција што никој од Европа не сакаше да ни ја даде. Ова решение е мошне едноставно и тука се надеваме дека со помош на новата администрација на Трамп може да се протурка – вели Божиновски.
Нашата шанса е во поширокиот американски пристап кон проблемите на Балканот
Божиновски во гостувањето во емисијата „За или против“ нагласи дека администрацијата на Трамп се покажала како доста прагматична минатиот мандат, така што верува дека досегашната политика на САД кон Македонија, која беше многу благонаклона и сојузничка, ќе продолжи и во овој нов мандат на американскиот претседател.
– Блиските контакти на нашата влада со луѓе од опкружувањето на Трамп може да придонесат за надминување на спорот, но дали ќе успее нашата влада да го искористи тоа ќе видиме во следниот период… Да се разбереме, не е Македонија еден од приоритетите на американската надворешна политика, таа е дел од Балканот, дел од таа американска политика кон Балканот, стратегиски сме релативно значајни, но од аспект да се стабилизира состојбата. Ако веќе се гради таа нова железна завеса, најважно е да биде смирена состојбата во цела Европа, особено на Балканот како прво потенцијално жариште, иако сега е сосема поинаква ситуацијата од она што беше во 1990-тите години и на почетокот на овој век – заклучува Божиновски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека изборот на Трамп може да има извесно влијание врз надминување на спорот со Бугарија, но дека не треба да се очекува тоа да се случи прекуноќ.
– Реално би требало да помогне изборот на Трамп во надминување на состојбата што ја имаме со Бугарија, но не треба да очекуваме некакво чудо, ниту, пак, дека решението ќе се случи брзо. Трамп го очекуваат два големи предизвика од светско значење и фокусот ќе биде таму, а да не зборувам за неговата намера да работи на зајакнување на американската економија, така што некаков брз американски ангажман или некакво поместување во следниот период не очекувам – потенцира Пекевски.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Васко Наумовски, во гостувањето на „Топ тема“, истакна дека е добро што македонската влада има добри релации со најблиските соработници на Трамп.
– За поздравување е да имате канал за комуникација со најблиските луѓе до американскиот претседател. Од сето тоа може да произлезе само нешто позитивно за нашите билатерални односи, за нашата економија, политичката стабилност, особено ако го имаме предвид фактот дека новата американска администрација повеќе ќе се посвети на билатералните односи со државите. Нашата шанса или надеж во новата американска администрација би можела да се гледа доколку во еден поширок контекст се посвети внимание на решавање на сите оние проблеми или отворени прашања што го попречуваат обединувањето на Европа како долгорочна цел на американската надворешна политика. Дали тоа ќе дојде директно од Белата куќа, дали преку некакви иницијативи од Стејт департментот по налог на новата администрација, останува да видиме. Меѓутоа, во услови кога се зборува за преговори или членство на Украина или Молдавија во ЕУ, јасно е дека не може да бидат игнорирани овие заглавени проблеми на Балканот, кои го оддалечуваат регионот од полноправното членство во ЕУ. И кога сте претседател на најмоќната држава на светот, веројатно сакате да имате што е можно помалку проблеми на вашата работна маса, ЕУ и проширувањето да функционираат како што треба за да може американската надворешна политика и сите вклучени поединци и ентитети таму да се посветат на проблемите во другите делови на светот – заклучува Наумовски.